Оркестарот при музичката паралелка во основното општинско училиште „Јоаким Крчоски“ во Крива Паланка доби донација од 40 блок флејти од општината.
Донацијата ја врачи градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Оркестарот функционира при музичката паралелка со која раководи професор Лариса Жулина-Митовски, а донацијата им беше врачена денес, на патрон-празникот на ООУ „Јоаким Крчовски“.
– Успесите на младите музички таленти се и наша гордост, бидејќи тие ја промовираат општината на настапите на државни, но и меѓународни настапи каде успешно се претставуваат и бележат солидни резултати. Овие флејти се мал придонес кон нивниот опус инструменти на кои музицираат и се надградуваат во оваа уметност, рече Алексовски.
Професорката Жулина-Митовски нагласи дека поддршката од општината е континуирана.
– Со овој гест продолжува поддршката за оркестарот од локалната самоуправа на општината, а учениците постојано бележат успеси на настапите и ја оправдуваат истата. Во моментот има 54 ученици членови на оркестарот, од четврто до деветто одделение кои свират на флејта, синтисајзер, гитара, металофон. Двајца ученици кои беа наши членови го продолжија музичкото образование во средно музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, додека еден ученик се запиша во класата гитара во Штип, така што задоволна сум и од интересот на учениците за музика, но и од нивните резултати, рече Жулина-Митовска.
Оркестарот четири години по ред е наградуван на меѓународниот натпревар „Утринска ѕвезда“ во Банско, Република Бугарија. На 6 мај оркестарот ќе настапи на регионален натпревар во Штип, а во јуни ќе учествува на меѓународен натпревар за оркестри во Белис.