Агенцијата за храна и ветеринарство денеска соопшти дека на почетокот на месецов на граничниот премин Ќафасан запленила 1.300 килограми небезбедно пилешко месо по потекло од Бразил.
Запленетото месо, како што се наведува во соопштението, нештетно е уништено на депонијата во Струга.
– Станува збор за легален увоз на замрзнато пилешко месо, за кое, врз основа на извршениот преглед од страна на официјален ветеринар, било констатирано дека потекнува од објект – кланица, кој во моментот на прегледот не се наоѓал на листата објекти кои се одобрени за извоз од страна на Европската унија, односно кој дозволата за извоз ја изгубил на 23.03.2017 година, истакнува АХВ.
Оттаму посочуваат дека увозот на месо во земјава се врши исклучиво од одобрени земји за увоз и од одобрени објекти и оти секоја пратка задолжително е пропратена со ветеринарно здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста на пратката. Секоја увезена пратка со месо и производи од месо задолжително се контролира и од страна на инспекциските служби на АХВ. Контроли се вршат и при истоварот на увезените пратки.
– Во рамки на одредени мониторинг програми и при сомнеж, од пратките кои се увезуваат се земаат и мостри за лабораториска анализа. За истите не се дозволува увоз во земјава, односно пратките се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна, појаснува АХВ.
Агенцијата соопшти дека по неодамнешните случувања во месната индустрија во Бразил, е во постојана комуникација со македонскиот амбасадор Ивица Боцевски со кого на дневна основа се разменуваат информации за случувањата во бразилскиот месен сектор.