Граѓани на Струга попладнево се собраа пред општинската зграда протестирајќи поради загадувањето на воздухот предизвикан од опожарувањето на нелегалната депонија во близина на градот.
Тие побараа од надлежните институции во државата заштита на нивното уставно право на чиста животна средина, со решавање на проблемот преку дислоцирање на депонијата.
Незадоволните граѓани појаснија дека писмено се обратиле до Министерството за животна средина и до претседателот на Советот на општината од кого побарале итно да свика вонредна седница.
Глигорие Ќатоски, граѓански активист, рече дека побарале итна расправа за проблемот со депонијата, нејзина санација и дислокација, како и јасни временски рокови за изградба на регионална депонија.
Струшката локална самоуправа преку социјалните мрежи истакна дека проблемот со опожарувањето на депонијата е во недоследно работење на институциите задолжени да ги пронајдат оние што го предизвикуваат пожарот, притоа нагласувајќи дека општинските власти преземаат се за гаснење на пожарите.