Ракометарите на Металург ја остварија и четвртата победа во домашниот македонски шампионат.
Тие во првиот меч од 4. коло на Плејоф лигата одигран синоќа во Велес, потешко од очекуваното го совладаа последно пласираниот тим на табелата Борец со 35-32, полувреме 19-16 за Металург.
Немања Обрадовиќ со 9 гола беше најдобар стрелец во победничката екипа на Металург, во чии редови голманот Арсиќ забележа 13 одбрани.
Во рамките од оваа рунда, попладнево актуелниот шампион Вардар гостува кај Охрид во дуел на второ и трето пласираните екипи на табелата. Потсетување дека вардарци изминатите два дена одиграа два натпревара против битолските екипи Еурофарм Работник и Пелистер во кои црвено-црните забележаа сигурни победи.
Последниот меч од 4. коло, односно битолското дерби меѓу Работник Еурофарм и Пелистер ќе се игра во среда (19 април) од 19 часот.
Табела: Металург 12 бодови (4 натпревари), Вардар 6 (3), Охрид 6 (3), Пелистер 3 (3), Еурофарм Работник 3 (3) и Борец 0 (4).