НУ Центар за култура-Битола покровител на работата на Камерниот оркестар на Битола соопшти дека договорени се два заеднички концерта на оркестарот со Влатко Стефановски.
Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола соопшти дека подготовките за концертите ќе почнат веднаш по Велигденските празнувања, а заедничките настапи се договорени за фестивалот „Охридско лето“ и концерт во Битола.
– Настапите со македонскиот култен гитарист Влатко Стефановски за камерниот оркестар на Битола се голем предизвик, а верувам ќе се одржат на големо задоволство на публиката, која го следи меѓународниот фестивал „Охридско лето“ и секако публиката во нашиот град. Камерниот оркестар ќе има и меѓународна регионална турнеја во Србија и Босна и Херцеговина, односно во Ниш ќе настапи на фестивалот „Нишвил“, а во Сараево ќе настапи на „Башчаршиски вечери“, потври Димитровски.
Камерниот оркестар на Битола годинашната концертна сезона ја почна со интернационалниот виолинист Роби Лакатош.