Почна наставата во реконструираната стара зграда во Пехчево, каде од денеска настава ќе следат учениците од пехчевските дисперзирани паралелки на беровскиот средношколски центар „Ацо Русковски“.
По извршената реконструкција на старата осмолетка во Пехчево која речиси половина век пропаѓаше без да има никаква намена, 110 ученици од дисперзираните паралелки во Пехчево од денеска имаат современи услови за настава.
Директорот на СОУ „Ацо Русковски“ Берово, Гоце Џалевски, истакна дека учениците добија шест нови училници, библиотека и една наставничка канцеларија.
– На наше општо задоволство започнавме со настава во оваа сега нова зграда. Имаме шест паралелки, а условите за работа се одлични. Се надеваме дека со оваа нова зграда ќе се зголеми бројот на ученици и интересот за останување во својата матична општина за учење ќе биде поголем, а самото тоа што овде ќе учат само средношколци за нив значи подобри услови за учење и образување, рече Џалевски.
Градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, истакна дека средствата за реконструкција на старата зграда се во висина од 9 милиони денари, а се обезбедени од Министерството за образование.
– Условите за работа овде сега се одлични. Досега нашите средношколци учеа во деветолетката, а со оваа инвестиција, сега и се овозможува на пехчевската деветолетка да формира кабинетска настава, така што ние како општина успеавме да создадеме современи услови за одвивање на настава во Пехчево, рече Поповски.