Во „Симон Визентал“ Центарот на Беверли Хилс, во Лос Анџелес, синоќа се одржа проекција на филмот „Трето полувреме”, проследена со разговор со публиката.
На проекцијата меѓу тристотината гости присуствуваа видни личности од јавниот живот на Лос Анџелес, како Бони Арнолд (продуцент на “Тој Стори”), Мајкл Беренбаум (автор на Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон), Ари Зев (директор на Спилберговата USC Shoah Visual Foundation), Давид Франко (музички супервизор на Парамоунт Студијата), претставници на Бавариа Филмс и Самуел Голдвин Филмс, холивудски продуценти и агенти – како и преживеани затвореници од логорите Аушвиц, Дахау и Треблинка.
Од страна на продукцијата Кино Око присутни беа режисерот Дарко Митревски, продуцентот Роберт Насков и главната актерка Катарина Ивановска. Во получасовниот разговор со публиката, воден од Том Тугенд, новинар на Џуиш Журнал и американски воен ветеран, режисерот Митревски зборувашсе за мотивите и вистинските приказни врз кои е базиран овој филм.
– Во историјата на човештвото имало многу геноциди, масакри, злосторства… Но, она што го разликува Холокаустот од сите нив е тоа што во него е извршена севкупна злоупотреба на целата наша цивилизација, на сите нешта кои ние како човечка раса сме ги изумиле за наш прогес. Злоупотребена е медицината, хемијата, политиката, идеологијата, техниките на војување, психологијата, науката, сообраќајот, железничкиот транспорт, политичкиот маркетинг, јавните медиуми, сето она што сме го создале за да правиме добрина, а не зло. Дури и самиот термин “фабрики на смртта” е первертиран, бидејќи фабрика е место кадешто нешто се создава, а не место за уништување. И што е најстрашно, во тоа учествувале милиони луѓе и страдале милиони луѓе. Тоа само покажува колку ние како вид сме подложни на корупција. Затоа секоја генерација треба и мора да прави филмови посветени на овој масовен злостор, рече во своето воведно излагање Митревски.
Деновиве филмот беше рекламиран во професионалните магазини “Варајети” и “Д Холивуд Рипортер”, а наскоро следува уште една завршна проекција во Линколн Центарот во Њујорк. Овие проекции се дел од финалните активности од оскаровската кампанја на овој филм.
Гласањето на членовите на Американската филмска академија се затвора на 17. декември, а изборот на деветте филма кои влегле во потесниот избор за наградата за најдобар филм од странско говорно подрачје ќе биде соопштена на 2. јануари. Во меѓувреме, филмот беше прикажан и на дистрибутерски тест-скрининзи во Чикаго, кадечто 78% од посетителите го оценија филмот со највисоката оценка “екселент”.