Министерството за локална самоуправа со поддршка на УНДП годинава ќе реализира нови проекти за зајакнување на капацитетите на центрите за развој на осумте плански региони и за нивна поддршка во поттикнувањето на развојот на планските региони.
Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска-Гугоска и заменикот постојан претставник на УНДП Нарине Сахакјан денеска ги претставија проектите пред раководителите на центрите.
Досегашната соработка, истакнале Цветановска-Гугоска и Сахакјан на состанокот, резултирала со голем број корисни проекти, од кои, најуспешните ќе бидат реплицирани во планските региони кои што досега не биле опфатени.
Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, станува збор за формирање тела за енергетска ефикасност во два плански региона, по примерот на Вардарскиот плански регион, како и подготовка на студија за воспоставување меѓурегионален технолошки парк на Источниот и на Вардарскиот плански регион.
Предвидено е и мапирање на потенцијалите за развој на рурален туризам во Пелагонискиот, Источниот, Југоисточниот и Скопскиот регион, поддршка на четирите најмалку развиени општини во Пелагонискиот, Источниот, Југоисточниот и Скопскиот плански регион, со подготовка на техничка документација за изградба на приоритетен инфраструктурен објект, по примерот на Дебарца, Боговиње, Липково и Чашка, како и финансирање една приоритетна акција од Програмите за работа на Мрежите за инклузивен развој во планските региони, во вредност од 15 илјади евра за секој плански регион.
– Праксата на директна комуникација меѓу партнерите и корисниците на проектите ќе продолжи и во иднина. Раководителите на центрите за развој изразија задоволство од можноста директно да се информираат за содржината и динамиката на реализација на проектите, како и од поддршката на Министерството за локална самоуправа во напорите за поттикнување на локалниот и на развојот на планските региони, соопшти Министерството за локална самоуправа.