Автопроизводителот „Дајмлер“ и производителот на делови за возила „Бош“ се здружуваат со цел да почнат производство на автомобили без возачи, за кои велат дека можат да бидат на улиците веќе во почетокот на идната деценија.
Овие компании ќе го здружат своето искуство во производство на автомобили, сензори и софтвери, со цел луѓето во одреден дел од градот да можат да порачаат заедничко возење преку своите смартфони.
Потоа автомобилот без возач би дошол по нив и би ги однел таму каде што сакаат да одат.
Овие две компании во вторникот соопштија дека тој систем ќе им овозможи на луѓето подобро да го искористат своето време во автомобилите и да помогнат на тие кои немаат возачка дозвола.
Автомобилските и технолошките фирми многу инвестираат во технологијата за автономно возење, иако законските прашања во врска со одговорноста на возачот и натаму не се решени.