Претседателскиот кандидат на конзервативците и на десниот центар, Гиљермо Ласо соопшти дека не ги признава резултатите од вториот круг на изборите во Еквадор, што се одржаа во неделата, обвинувајќи ги властите дека била направена „изборна измама“ при броењето на гласовите.
„Не ги признавам резултатите, затоа што тие не ја изразуваат волјата на Еквадорците„- рекол Ласо на митинг пред своите симпатизери во главниот град Кито и ги повикал на „мирни протести„ .
Државната изборна комисија, во меѓувреме, ги објави конечните рерзултати, според кои кандидатот на левицата, социјалистот Ленин Морено, има освоено 51,2 отсто , а Ласо 48,8 отсто од гласовите.
Како причина за незадоволството и напризнавањето на резултатите, Ласо ги наведува податоците што врз основа на излезноста на гласачите, ги презентирале три различни агенции, набргу по затворањето на гласачките места.
На сите нив, како победник бил прогласен Ласо, кај едната од агенциите и за шест отсто пред Морено, но изборната комисија уште во текот на неделата доцна во ноќта објави дека победник е, сепак, социјалистичкиот кандидат.
Опозицијата не и верува на Државната изборна комисија , која ја обвинува за блискост со власта.
Според опозициските партии, комисијата функционира според примерот на таквата комисија во Венецуела која ја има загубено својата независнсот , откако Николас Мадуро е претседател.
Мадуро и досегашниот еквадорски претседател Рафаел Кореа се мошне блиски пријатели и идеолошки сојузници. Кореа кој го подржуваше Морено, три мандати по ред, беше претседател на Еквадор, иако Уставот на земјата предвидува само два едно по друго мандати.
Заобиколување на Уставот беше направено со оправдување дека треба да се промовира и да почне да се применува неговата програма „Социјализам на 21 век„ што сега ја подржува и Ленин Морено.
Опозицијата и Гиљермо Ласо имаат рок до 12 април да ги обжалат резултатите од изборите, но овој поранешен банкар, засега, нема понудено други докази за изборни нерегуларности и за измама при броењето на гласовите.