Еврокомесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, заедно со министрите за надворешни работи или нивни заменици секретари од Австрија, Словачка, Чешка, Шведска и на балтичките земји (Финска, Естонија, Летонија и Литванија) на синоќешниот Совет за општи работи на ЕУ (ГАК) до последно се бореле Република Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори и почеток на т.н. скрининг процес. Како што дознава дописникот на МИА од Брисел, само овие земји цврсто им опонирале на Грција и Бугарија, со блага поддршка на Словенија, додека Германија, Велика Британија и Франција стоеле настрана без поддршка, ниту спротивставување на предлогот на Европската комисија.
Жестоките дебати „За“ и „Против“ датум за Македонија на маратонскиот состанок на ГАК меѓу споменатите поддржувачи и опоненти на Македонија, според нашите сознанија, на крајот резултираа со победа на нашите соседи, поради условот важните одлуки во Унијата, каква што неспорно е пакетот за проширување, резултираа со заклучок кој нуди некаква можност за време на следното Ирско претседателство со ЕУ, нашата земја да ги почне преговорите.
Сепак, замката е што датумот би го добиле ако Комисијата во својот вонреден извештај напролет оцени дека Македонија напредувала во добрососедските односи (Бугарија) и во однос на решавањето на наметнатиот спор за името (Грција), што фактички значи дека на мала врата е донесен заклучок за утрешниот Самит на Европскиот совет сличен на оној од самитот на НАТО во Букурешт пред четири години, според кој ќе станеме членки на Алијансата откако ќе го решиме името со Грците. А, дури и да добиеме зелено светло од ЕК, според заклучокот во петтиот параграф за Македонија – Советот повторно треба да донесе одлука со консензус дали земјата ќе ги почне пристапните преговори.
Шведскиот аналитичар Хенрик Борс вели дека Шведска притискала Унијата да го исполни ветувањето за внесување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, но дека Германија за Србија, а Грција за Македонија тоа го спречиле на синоќешнито ГАК.
– Грција се уште сака Македонија да го смени своето име, додека германскиот министер за европски прашања Михаел Флинк е против одлуката на Србите за отворањето гранични премини меѓу земјата и Косово на еден ден пред ГАК-от, констатира шведскиот аналитичар.
На крајот на повеќечасовниот состанок на министрите, паднал договор сите да ги претстават заклучоците во врска со пакетот за проширување како позитивни и напредни кога ќе ја напуштат собата, иако Македонија и Србија како кандидати не добија датум, ниту Босна и Херцеговина – кандидатски статус, а Косово остана без Договор за стабилизација и асоцијација.