Во работничката менза на делчевската конфекција „Крзно“ денеска се одржа промоција на книгата „Жена и афоризам“ дело на 20 балкански сатиричарки од кои три македонски.
Целта на овој настан е одбележување на Денот на шегата и доближување на оваа литературна творба до работничките, односно жените за кои и се однесува книгата, истакна Миле Ѓорѓијоски, афористичар и организатор на настанот.
– Ние долго време се мислевме како да го одбележиме овој убав ден, а бидејќи книгата која ја промовираме се однесува на жените, мислевме дека ова е идеално место да ги презентираме афоризмите кои се пишувани од женското око и женскиот поглед на реалноста и секојдневниот живот. Верувам дека со овој настан ние ќе бидеме родоначалници на еден нов импулс во културата и би кажал дека кога би имал прилика да организирам културен настан во некоја вип-сала или работничка менза јас би се одлучил за работничката менза, рече Ѓорѓијоски.
Една од авторките на книгата е Деана Саиловиќ.
– Книгата е многу интересна. Покрај својата содржина има интересно решение со карикатури која ја прават книгата единствена. Жените имаат, навистина, голем број теми за пишување, за разлика од мажите и најдобро е да се земе книгата и да се прочита, рече Саиловиќ.
Во книгата се застапени афоризмите и на три авторки од Македонија.
– Кога зборувам за оваа книга јас сум особено расположена и радосна, бидејќи според нашите истражувања, таква книга во светот нема. Книга во која се помесетни 20 авторки и три Македонки тука се опфатени повеќе теми, односно нема тема која не е опфатена, истакна Ленче Стоименовска, афористичарка.
За новинарот и афористичар Иван Бојаџиски денешниот настан потсетува на една стара филозофија од пред 30 години, наречена култура на трудот.
– Вакво нешто во нашите фирми се нема случено 30 години, ова е нешто што ме потсетува на тоа време кога се воведе една нова филозофија културата на трудот. Јас се надевам дека ова ќе биде тоа, дека од Делчево ќе тргне таа нова идеја, која со новото време ќе донесе и нови квалитети, потенцираше Бојаџиски.
Попладнево во манастирскиот комплекс Балаклија се одржа промоција на литературното творештво на делчевски авторки. Настаните се организираат по повод први април денот на шегата.