Со воена свеченост припадниците на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележаа денот на најголемата борбена единица на АРМ препознатлива по добиените високи резултати од оценувањата, вежбовните активности, мировните мисии во Авганистан и Ирак, но и по пружената помош на граѓаните.
Денот на бригадата, определен со одлука на Претседателот на Република Македонија е потсетување на денот кога 1.мпбр со достигнувањето на оперативната готовност ги презеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади согласно новата организациско-формациска структура на АРМ, со седиште на командата во Петровец.
Командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во своето обраќање нагласи дека патриотизмот кој е движечка сила во сите нас, вложениот труд и посветеност во извршување на задачите претставуваат гарант за независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија.
Пофалните зборови за успешниот ангажман на единицата искажа и командантот на Здружено оперативната команда, бригаден генерал Зоран Милески, при што беше нагласена потребата од постојана посветеност во изградба на воен колектив подготвен решително да се избори со сите безбедносни предизвици.
Согласно програмата на воената свеченост за најдобра единица во бригадата е прогласена 4 минофрлачка батерија од 4 механизиран пешадиски баталјон, а се доделија стимулативни мерки и унапредувања. На крајот од свеченоста присутните го проследија тактичко техничкиот збор на орудија, оружје и опремата со кои располага бригадата збогатен со настап на на културно уметничкото друштво „Илинден“.
На свеченоста покрај началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски присуствуваа, генералите од АРМ, претставници од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, МО и ГШ на АРМ, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти на бригадата, пензионирани генерали, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.