Во Велес вработени во Јавното претпријатие „Дервен“ започнаа со пролетното засадување на нови садници на дрвца.
Според портпаролката на „Дервен“ Тодорка Андреевска, засадувањето започна долж улицата „Индустриска“ во новиот дел на Велес, каде ќе бидат засадени вкупно 38 зимзелени дрвца од видот „смарагдна туја“, а воедно до дрвцата се инсталира и систем за наводнување.
– Засадувањето на дрвца е согласно годишната програмата за 2017 за подигнување на нови зелени површини, што ја усвои Советот на општина Велес, а се финансира од касата на општинскиот буџет. Со истата годинава на повеќе локации во градот се планира засадување на околу 380 дрвца, изјави Андреевска.
Освен на оваа улица, во текот на оваа пролет и есен се планира и засадување на дрвца и реконструкција на зелените површини во Градскиот парк, кај железничката станица како и на повеќе градски улици каде ќе бидат уредени и зелените површини.
Инаку деновиве вработени на ЈКП „Дервен“, освен дрвца покрај улиците во зелените површини покрај тротоарите, засадуваат и пролетни садници на најразновидни цвеќиња, а со кои ги разубавуваат јавните површини во Велес, информира Андреевска.
– Со уредувањето и озеленување на овие градски површини, воедно се уредува просторот од естетски аспект, но уште повеќе ќе се овозможи подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух преку подигнување на ново зеленило. Високите дрвја се природни прочистувачи на воздухот и имаат заштитна функција во однос на прашината и бучавата. Затоа апелираме до граѓаните да ги чуваат и се грижат за овие зелени оази во градот, изјави Андреевска.