Да профункционира Агроберзата, да се организира извоз на вишокот домашно производство и државните институиции да бидат почесто на терен, побараа денеска земјоделците присутни на завршниот настан од проектот „Пазарна економија и институционални капацитети“.
Тие се пожалија дека поради актуелната политичка ситуација што ја оневозможи доисплатата на субвенциите, состојбата во земјоделството стагнира, а допрва се очекуваат, предупредија, лоши резултати.
Заедничка беше констатацијата дека нема регулиран пазар на понуда и побарувачка, договорите со откупувачите се или проформа или не се почитуваат, а производството е хаотично наместо да биде планско.
– Откупот не е организиран, а проблем е и пласманот. Во државава секој како да се бори што повеќе да увезе, никој не мисли на извоз. Можеби немаме големо производство за пласман надвор, но во одредени периоди од годината има вишоци кои може да се извезат. Од кога се зборува за Агроберзата, но никако да профункционира, истакна Крсто Крстевски, регистриран земјоделец – раноградинар од Стајковци.
Цените и наплатата се, додаде, посебни прашања. – Се врши откуп, пари не се даваат. Цените воопшто не се стабилни, одат од под земја до небо. Се диктираат зависно од количината на производите, но не може така, граѓаните знаеме колкави плати имаат, мора и на тоа да мислиме, посочи Крстевски.
Според Весна Јаневска, производител од Росоман, годинава проблемите во земјоделството ќе бидат уште поголеми.
– Земјоделството се соочува со многу проблеми, но годинава тие ќе дојдат уште повеќе до израз. Ќе биде хаотично. Доцни подготовката на почвата за сеидбата, семето, насадниот материјал, сите резерви се исцрпени и згора на тоа субвенциите доцнат. За наводните решенија и поддршки од институциите повеќе се зборува и се пишува на документи, отколку што се реализира во реалноста. Состојбата е многу поразлична на терен, нагласи Јаневска.
Нејзина оценка е дека помошта не оди во рацете на правите земјоделци затоа и голем дел од нив, рече, се на работ на откажување од дејноста, почнуваат да бараат друг излез. – Независно што имаме одлични природни услови, селата се испустуваат. И политиката е длабоко навлезена во производството, голем број земјоделци се уценети, корумпирани. А сега, ова што веќе неколку месеци не се формира влада, севкупно уште покатастрофално ќе се одрази, дополни Јаневска.
Сточарот од Дебар Даут Думани укажа дека има проблем со пласманот на јагнето. Се пожали и дека средствата од ЕУ не се делат каде што треба. – Никој не се интересира за продажбата на јагането, ниту врши откуп. Секој шпиц на сезоната се манипулира со цените, тие драстично се намалуваат, предочи Думани, искажувајќи дека сточарите познати по производство на јагнешко не добиваат бенефиции како што е случај со други дејности, меѓу кои туризмот.
Резултатите, пак, од проектот „Пазарна економија и институционални капацитети“ што го реализира организацијата Рурална Коалиција – Куманово од август 2016 до март 2017 година, покажуваат дека најголем дел од земјоделците не знаат кои се надлежностите на повеќето институции од секторот, ниту знаат со колкави средства од државниот буџет располагаат.
Како што напомена координаторот на проектот Лилјана Јоноски, бројот на вработените во институциите се зголемува, а ефикасноста станува се помала. – Ситуацијата подолго време стои во место. Од една страна, постојано се зголемува бројот на вработувањата и со тоа финансиите кои за оваа намена се одвојуваат од Буџетот, а од друга, назадуваат односите во пазарната економија, укажа Јоноски.
Со проектот биле опфатени 128 испитаници од пет градови, Струмица, Куманово, Гостивар, Струга, Прилеп, и пет плански региони, Југозападен, Полошки, Пелагониски, Југоисточен и Североисточен. Во фокусот, освен земјоделци, биле и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството и Државниот земјоделски инспекторат.
Резултатите покажуваат и дека над 64 отсто од земјоделците добиваат одговор од институциите во период од 15 и повеќе денови, генерално немаат доверба во институциите, ниту во нивните вработени, а 85 отсто сметаат дека не постои реална конкуренција на цените во земјоделството.
– Земјоделците бараат натамошно вложување и усовршување на знаењата и експертизата на вработените во институциите, нивно поквалитетно, поефикасно работење и поголема присутност на терен, пренасочување на средствата на што повеќе обуки, но секако се бара и од земјоделците да бидат поактивни, подвлече Јоноски, презентирајќи ги препораките од проектот.