Споделување на искуствата што ги собра граѓанскиот сектор низ Балканската рута за време на мигрантската криза, моменталната состојба на терен и очекувањата за иднината, се тема на разговор на Регионалната конференција на тема „Минато, сегашност и иднина: Со какви предизвици се соочуваат луѓето кои мигрираат преку т.н. рута Западен Балкан?“ што денеска и утре се одржува во Скопје во организација на Легис, а во соработка со Мултикултурниот центар од Виена.
Конференцијата е дел од проектот „Балканска бегалска рута“ финасиран од Европската унија што има за цел да ги собере сите граѓански организации кои беа фактор за време на бегалската криза на Балканската рута.
– Секоја од земјите на Балканската рута се справува со различни предизвици. Грција е земјата каде бегалците доаѓаа први и во која останаа голем број од нив, но и од каде се спроведува релокацијата во европските земји. Македонија и Србија се транзитни земји кои беа актуелни до пред една година кога беше затворена бегалската рута, а во моментов се соочуваат со ирегуларна миграција и повторно активирање на криумчарските рути што ни создава дополнителни проблеми. Хрватска, Словенија и Австрија се земји каде доаѓаат бегалците и кои работат на нивна интеграција, изјави Јасмин Реџепи, претседател на НВО Легис на паузата на конференцијата.
Тој нагласи дека бегалците не сакаат да останат во Србија и во Македонија и нивното присуство во овие земји, како што рече, е многу поинакво отколку во Хрватска, Словенија и Австрија.
Според него, дали ќе се реализира закната на турскиот претседател Ердоган дека ќе почне да пушта по 30 до 50 илјади бегалци дневно на Балканската рута зависи од реализирањето на договорот што го постигнаа ЕУ и Турција.
– Тоа ќе биде голем проблем, бидејќи станува збор за голема бројка што не се случуваше и кога го имавме најголемиот број на бегалци кога дневно влегуваа по 12 до 13 илјади. Како што затворањето на Балканската бегалска рута беше политичка одлука, така и нејзиното идно отворање би било политичка одлука која зависи од односите меѓу Турција и ЕУ, односно од реализирањето на договорот што го постигнаа пред една година дали ќе го испочитуваат меѓу себе или не. Нормално е Грција да каже дека нема да ги прими бегалците и оти не може да се справи со нив, но како што и првиот пат не беше прашана, така нема ни сега да бидат прашани ако се случи, рече Реџепи.
Посочи дека никој со своите бродови не може да направи ѕид во Егејското Море и да ги спречи луѓето да влегуваат.
– Единствено што може да се направи во таков момент би било потпување на бродовите, а тоа би било еднакво на геноцид, а такво нешто никој не може да си дозволи, порача Реџепи.
Доколку се случи таков голем бегалски бран, додаде, Македонија нема капацитети да собере толку бегалци и единствено треба да работи како толкавиот број на луѓе да бидат пренесени преку нејзината територија на север на Европа.
Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на отворањето на конференцијата порача нема простор за опуштање, туку напротив системот и институциите преку регионална и глобална координација и соработка мора постојано да бидат подготвени за преземање на соодветни чекори за решавање на проблемите.
– Предизвиците и заканите се реални и мора да кажме дека багалскиот бран кој во текот на 2015 и 2016 година ја зафати Европа, а во кој Република Македонија беше дел од т.н. „Западна балканска миграциска рута“ покажа низа слабости, не само кај нас, туку генерално во Европа. Подготвеноста на ресурсите е значајна зашто не сме сигурни дека овој досега невиден егзодус на цивили од воените подрачја на Блискиот и Среден Исток нема да се повтори во блиска иднина, рече Нухиу.
За успешно справување со миграциите, додаде, е неопходна координација и солидарност, бидејќи не се работи за национален проблем.
– Хуманитарниот и безбедносен аспект од мигранстскиот бран, особено во почетните месеци од кризата беа ставени во втор план за сметка на претераното политиканство и манипулација со катастрофалните размери на тој егзодус. Сега на секого во Европа му е јасно дека унитарниот пристап и безбедноста, како на мигрантите, така и на земјите каде тие транзитираат или им се крајни дестинации се примарни доколку се сака успешно справување со миграцијата, посочи Нухиу.
Не помалку важна е, прецизира, и нивната интеграција.
– Како институции треба да се отвориме кон сите чинители, вклучително и граѓанскиот сектор, во насока на барање на оптимални предлози, проекти и решенија кои ќе придонесат за квалитетен систем на функционирање во поглед на миграциите и сите реперкусии што можат да ги донесат. Решенијата мора да потекнуваат од стручноста и експертизата, а политиката само да биде нивен реализатор, потенцира Нухиу.
Фрањо Штајнер од НВО Мултикултурен центар од Виена, Австрија посочи дека Балканската рута стана главна во изминатите две години за поминување на мигрантите.
– Ние што работиме со мигрантите повеќе ја гледаме мигранстската криза како криза на одговорност и солидарност. Проектот на кој работиме го имплементираат невладини организации од Грција, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија и Австрија. Владите на сите овие земји беа засегнати од мигрантската криза и затоа беше потребно да се направи соработка меѓу НВО за да не излезе ситуацијата комплетно од контрола, рече Штајнер.
НВО, порача, покажаа дека солидарноста е се уште жива и дека се уште им помагаат на луѓето.
– Покажавме дека луѓето ги преземаат одредени работи во свои раце во моменти кога владите не се подготвени да им помогнат на мигрантите. Се обидуваме преку научените лекции во минатото да влијаеме врз политиките на европско ниво и да ја промовираме европската солидарност како клучен елемент за справување со предизвиците, да ја развиеме таа соработка и да ја оформиме иднината на Европа, рече Штајнер.