Учениците од основните училишта од Струмица денеска беа дел од ликовната акција посветена на доаѓањето на пролетта. Во организација на Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“, младите уметници со штафелај пред себе и четка во рака од градскиот парк ги доловуваа деталите на новото годишно време.
-Ние сме институција од образовен и културен карактер и секогаш ги користиме поводите за да имаме настан. Но, беспрекорната соработка со основните училишта ни овозможува и без посебен повод или датум да организираме активност како денешнава. Децата работат на слободна тема – „Пролет“ и очекуваме нашето ликовно депо да се зголеми за петнаесетина нови дела, рече Светлана Мазгалоска- Вучетиќ, директор на Домот за деца и млади.
Цртежите на младите уметници ќе бидат поставени на изложбите кои во Домот на АРМ ги организира Домот за деца и млади.