Проектот на Европската Унија и Фондацијата Отворено општество – Македонија „Граѓанско учество за локална демократија“ додели 9 грантови на граѓански организации од општините Струмица, Струга и Центар во вкупна вредност од 84.720 евра за унапредување на културата во овие места како и вклучување на граѓаните во креирање и спроведување на политиката на локалните власти.
Се работи за регрантирање на граѓанските организации при што за разлика од овој пат, досега проектите биле насочени кон унапредување на образованието и здравството во овие општини.
-Ваквите проекти се многу важни затоа што очигледно е дека граѓанските организации се оној мост помеѓу јавните институции и граѓаните. Тие ги артикулираат нивните потреби, ги унифицираат секторските политики, им помагаат на јавните институции подобро да ја работат својата работа односно да бидат сервис на граѓаните, рече Ирена Иванова, Програмски менаџер од Делегација на ЕУ.
-Во овој случај имаме соработка помеѓу граѓанските организации и локалните власти, како што гледаме веќе успешни. Акционите планови за културните содржини во овие општини е веќе договорена, нашите регрантисти ќе помогнат да ги спроведад овие планови, вели Иванова.
За јакнење и градење на капацитетите на граѓанските организации биле одржани 4 обуки од кои обука за финансиското управување со проекти и поднесување на извештаи за проекти финансирани од ЕУ, обуки за односи со јавноста и медиумите, обука за обележување на меѓусебна соработка и обука за подготовка на план за управување во областа на културата.
Тековниот проект е финансиран преку ИПА2 Програмата на Европската Унија за граѓанско општество и медиуми. Проектот е имплементиран од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија и Здружение на граѓани „Центар за развој на локалната демократија“.
Од вкупно 9 грантови, 3 гранта се доделени во Струга со вкупна вредност од 28 000 евра, 3 гранта во Струмица во вредност од 28 400 евра и 3 гранта во општина Центар во вредност од 27 800 евра.
Виктор Јованов