Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа денеска изјави дека властите би ја разгледале евентуалната молба за политички азил на сирискиот претседател Башар ал Асад.
– Кој и да посака азил во Еквадор, ние ја разггледуваме молбата, бидејќи е човек, чии права треба да бидат заштитени, наведе Кореа.
Тој тврди дека сирискиот заменик-министер за надворешни работи Фејсал Мекдад пред две недели бил во посета на Еквадор, но оти на средбата не станало збор за азил на Асад.
– Таков разговор немаше. Мекдад дојде во Кито, за да му се заблагодари на Еквадор за објективниот став за граѓанската војна во Сирија. Тој ги посети и Куба, Венецуела и Никарагва, посочи Кореа.
Шефот на еквадорската дипломатија Рикардо Патињо минатата недела демантираше дека Еквадор му нудел азил на Асад.
Еквадор му даде политички азил на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој претстојува во Еквадорската амбасада во Лондон.