Награди од конкурсот за студентски плакат „Република Македонија како туристичка дестинација“

Од:

Ана Петрова и Иван Дургутовски – студенти на Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет и Анастасија Јовческа – студентка на Факултетот за дизајн и мултимедија од ФОН Универзитет се добитници на трите главни награди на Конкурсот за студентски плакат на тема „Република Македонија како туристичка дестинација“ во организација на Здружението на графички дизајнери Плакарт, Музејот на град Скопје и Амбасадата на Полска во Македонија.

Проектот во чии рамки беше организиран конкурсот почна во април 2016 година со изложбата „Полската школа на плакат“, која на македонската публика и ја претстави една од најстарите и најкарактеристичните школи за плакат.

Наградените ќе имаат студиско патување во Полска во 2017 година и, како што информираат организаторите, ќе имаат можност да патуваат по стапките на големите полски мајстори на плакат и да се запознаат и да ги проучат вредностите и значењето на оваа маркантна школа за дизајн, искуство што ќе им служи во развојот на нивната кариера.

Ана Грковска, студентка на Факултетот за архитектура од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, и Лара Маринковиќ, студентка на Семос – Академијата за дизајн, се добитнички на почесно признание и можност да соработуваат со Музејот на град Скопје, да одржат студентска пракса и да учествуваат во подготовка на промотивните материјали на во оваа значајна културна институција во текот на 2017 година.

Специјална награда му е доделена на Кристијан Арсовски, студент на Факултетот за архитектура од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а добитник на специјалната награда е Томислав Акимовски, студент на Факултетот за ликовни уметности од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

– Главната цел на конкурсот за студентски плакат на тема „Република Македонија како туристичка дестинација“ беше добивање плакат со современ израз како дизајнерски производ, преку кој ќе се промовира како земја со богато културно наследство, зачувани природни богатства и богата духовна ризница. Преку одбраната тема, организаторите одлучија да стават акцент на прашањето на квалитетно дизајнирана промоција на Република Македонија во светот како атрактивна туристичка и културна дестинација, наведуваат организаторите.

За наградените автори одлучуваше жири во состав Лазе Трипков – директор на Музејот на современа уметност, Томислав Микулчиќ – директор на Музејот на град Скопје, Ласко Џуровски – основач на Тотем дизајн студиото, Ришард Каја – реномиран плакатист и илустратор од Полска и Јацек Мултановски – амбасадор на Полска во Македонија. Тие направија селекција од пристигнати 123 плакати од седум македонски факултети по визуелни комуникации или сродни насоки.

Изложбата на студентски плакати со тема од конкурсот вчеравечер беше отворена во Музеј на град Скопје. Таа вклучува 50 студентски дела, а по претставувањето во Скопје ќе гостува во домовите на култура во 18 градови низ Македонија. Изложбата во МГС е надополнета со поставка „Мал плакат“, составена од 20-ина цртежи од деца на истоимената тема, добиени како резултат на работилницата која полскиот илустратор и плакатист Ришард Каја ја менторираше во ноември 2016 во рамките на 9. Скопје постер фестивал.

Би можело да ве интересира

Мет Дејмон продаде имот во Лос Анџелес за 18 милиони долари

Ана Ололовска

Се изнајмува стан уреден во стилот на „Кери Бредшо“

Ана Ололовска

Алиша Кис го покажа својот нов луксузен дом

Ана Ололовска

Стан-гаража во Загреб го привлече вниманието на многумина

Ана Ололовска

Мерилин Менсон ја продава вилата во Лос Анџелес за 1,75 милиона долари

Ана Ололовска

Нина Добрев го покажа својот реновиран дом во САД

Ана Ололовска