Индиската компанија „Тата Моторс“ на актуелниот саем на автомобили во Женева го изложи спортскиот автомобил „Рацемо“ во рамки на новиот подбренд „ТАМО“.
Производителот што во светот е најпознат по проектот за најевтиниот сериски модел „Нано“, но и како сопственик на компанијата „Јагуар Ланд Ровер“, одлучи да се испроба во нов автомобилски сегмент.
Првиот спортски двосед на „Тата Моторс“ е реализиран во рамки на новата подмарка „ТАМО“, а е оформен во дизајнерското студио на индиската компанија во Торино.
„Рацемо“ е изработен од патентиран повеќеслоен MoFlex материјал, што првпат се применува во авто индустријата на еден патнички автомобил. Материјалот, со својата структура, овозможува голема слобода во обликувањето на каросеријата.
Новиот модел „Рацемо“ погонот го добива од централно поставениот трицилиндерски 1.2 турбо бензинец, што испоручува 190 кс (140 кW) и 210 Нм максималeн вртежен момент.
Силата врз тркалата се пренесува преку шестбрзински автоматик, а автомобилот до „стотка“ забрзува за околу шест секунди.
Возилото што е прикажано во Женева се уште е во форма на концепт, а „Тата Моторс“ не го соопшти точниот датум за премиера на сериската верзија. Се очекува продукцискиот модел да биде подготвен во 2018 година.