„Во врска со денешната изјава на членот на Извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски околу исплаќањето на субвенциите за земјоделците, министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сака да ја информира јавноста за следново:
МЗШВ ги почитува законските одредби со кои минатата година на три пати беше запрено исплаќањето на субвенциите поради претходно закажаните парламентарни избори.
Исто така треба да се знае и дека поради штетите во земјоделството предизвикани од пролетните временски непогоди, пријавувањето на субвенциите за 2016 година беше продолжено за еден месец и траеше до 30-ти јуни, по што следеа административни и теренски контроли.
Дополнително, потсетуваме дека земјоделските субвенциите се исплаќаат за производствената година. Тоа значи дека субвенциите за 2016 година треба да се исплатат најдоцна до 30 јуни 2017 година. Тука ќе го дадеме примерот за тутунот, чие производство беше лани, а откупот траеше до денеска, по што на тутунарите за реколта 2016 автоматски ќе им бидат исплатени 25 милиони евра од Програмата за 2017 година.
Треба да се истакне и дека минатата година земјоделците не останаа без субвенции. Напротив, беа исплатени 5 милијарди и 500 милиони денари или 98% од обезбедените 5 милијарди и 613 милиони денари со програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2016 година.
Инаку, за директните субвенции во 2017 година Владата има обезбедено 100 милиони евра. Но, поради различното толкување на Изборниот законик по последните парламентарни избори дојде до пречки во нивното исплаќање. Сепак, по вчерашното добивање позитивно мислење од Антикорупциската комисија, исплатата ќе продолжи деновиве, односно по завршувањето на формалностите околу стапувањето на должност на ново назначениот директор на Платежната Агенција“ се вели во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.