Меѓу бројните нови спортски модели кои дебитираа на женевскиот Саем за автомобили, посебно место зазема Алпине А110, чија појава означува враќање на сцената на помалку заборавената марка од 20 век.
Пред нас е А110, прв сериски модел на обновениот, легендарен спортски авто-бренд на компанијата Рено, кој беше на врвот пред речиси половина век.
Овој лесен „спортист” со централно поставен мотор влегува во пазарната „битка” со модели како што се Порше 718 Кејман и Алфа Ромео 4С.
А110 е поставен на алуминуимска механичка платформа, а каросеријата на возилото е изработена од истиот материјал. Благодарение на таквата конструкција Алпине А110 е тешка само 1.080 килограми. Во комбинација со 1.8 литарски турбо бензинец кој произведува 252 кс (188 кW) и развива 320 Nm, автомобилот е во состојба од место до стотка да стигне за 4,5 секунди, додека максималната брзина електронски е ограничена на 250 км на час.
Силата на тркалата се пренесува преку 7-степен автоматски менувач со дупло квачило, а на возачот се на располагање три мода на возење: Normal, Sport и Track.
Производителот објаснува дека при обликувањето на каросеријата големо внимание било посветено на аеродинамичките карактеристики (иако автомобилот има ретро дизајн), па коефициентот на отпорот на воздухот е само 0,32, т.е. еден од најдобрите во својата класа на автомобили, а Алпине А110 е поставена на 18 инчни алу фелни.
На купувачите прво ќе им биде понудена ограничена Premiere Edition серија од 1.955 возила, во знак на сеќавање на 1955 година, кога бил основан брендот Алпине.
А110 во продажните салони ќе стигне на лето, по цена од 58.500 евра, колку што ќе чини во Франција.