РКЕ од 1 јануари ќе ја утврдува цената на водата

Од:

Од 1 јануари наредната година Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе биде надлежна за утврдувањето на цената и тарифите на водните услуги на јавните комунални претпријатија и водостопанствата кои се производители на сурова вода во општините со над 10.000 жители, а од 1 јануари 2019 година за сите општини во Македонија.

По тој повод денеска во Скопје се одржа јавна расправа на која се разгледуваа Предлог правилникот и Предлог методологијата за утврдување тарифи за водните услуги и сите засегнати можеа да достават забелешки и мислења. По јавната расправа ќе следува подготвителна седница на РКЕ на која уште еднаш ќе можат да се поднесат забелешки, а потоа правилникот и методологијата ќе бидат усвоени на седница на РКЕ.

– Делегирањето на надлежноста на РКЕ за утврдување на цените на водните услуги ќе значи воведување ефикасен систем на утврдување на цените и тарифите што ќе им овозможи на сите компании кои ќе достават барање и ќе користат тарифа да имаат предвидливи услови. Тарифата ќе треба да им ги покрива оперативните трошоци, амортизацијата и да им овозможи правилно насочување на сите средства во подобрување на инфраструктурата со крајна цел подобрување на квалитетот на услугите кои ги нудат на потрошувачите, како и достапни цени за сите потрошувачи на водата за пиење, изјави претседателот на РКЕ Димитар Петров пред почетокот на јавната расправа и додаде дека за загубите на водата во системот ќе треба да се грижат менаџментите на водоснабдителните компании и нема се да им се признае целосно како трошок.

Тој посочи дека ќе има тарифи за сурва вода, за вода за пиење, за собирање и одведување на отпадните води и за прочистување на отпадните води кои ќе бидат составен дел на надоместокот што ќе го плаќаат граѓаните. Подоцна ќе се изработи и упатство за поднесување барање за тарифи за компаниите, а од РКЕ ќе им биде понудена помош во постапката за изготвување и комплетирање на барањата, бидејќи, како што кажа, станува збор за покомплицирана постапка од вообичаените.

– Компаниите треба да достават предлог тарифа, предлог на усогласување на тарифите и бизнис планови кои се составен дел на барањето за утврдување на тарифите. Нашата улога, за разлика од останатите регулурани цени на компаниите од делот на енергетиката, ќе биде поразлична. РКЕ ќе доставува решение за утврдување на тарифа во која се утврдува и опсег на користењето на тарифите со плус и минус проценти во однос на утврдената тарифа. Јавните комунални претпријатија имаат обврска сето тоа да го усогласат со советитете на општините каде што ги даваат услугите и со градоначалникот, појасни Петров.

За компаниите кои не се подготвени и не доставиле барање или, пак, не може да се усогласат со тарифите кои ги дала како предлог РКЕ, односно не донесат одлука, нагласи, регулаторот ќе има право да утврди регулаторна тарифа за водната услуга која ќе биде егзактна, единствена и извршна за компанијата која треба да ја применува.

Претседателот на РКЕ посочи дека се уште не се направени анализи дали по преземањето на утврдувањето на цената на водните услуги од регулаторот ќе има поскапување или поевтинување на цената на водата за пиење.

– Сега сме на почеток на утврдување на подзаконските акти. Прва компанија која ни доставува податоци и ќе работи на моделот за утврдување на тарифата е Водовод Скопје. Во моментов преземаме податоци од нив за да видиме дали сме тука некаде со актуелната тарифа која ја користат и онаа што ќе следи, потенцира Петров.

Би можело да ве интересира

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Повлечена вода од хрватскиот пазар испорачана во соседството

РКЕ: Цената на струјата за најголемиот дел од потрошувачите од домаќинствата поскапува за 0,5 отсто

Горан Наумовски

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Во ниту еден случај нема да се поскапи парното за домаќинствата, тврдат од Регулаторна

A1on

Бислимоски: Без 200 денари за мрежарина, граѓаните ќе имаа поскапи прв блок и евтина тарифа за 15 отсто

A1on