Ракометарите на Металург со пораз ги завршија натпреварите сезонава во СЕХА лигата. Синоќа Металург загуби од Нексе со 27:22 (11:11).
По овој пораз македонскиот вицепрвак регионалното натпреварување го заврши на 8. место на табелата, бидејќи вчера Горење славеше победа од 36:32 на гостувањето кај Извиѓач.
Натпреварот со Нексе, Металург го загуби во последните минути. Во 54.минута Нексе водеше со 23:21, а потоа домашниот тим имаше серија од 4:0 што се покажа како решавачка за победата. Кај Металург по четири голови постигнаа Вања Илиќ, Никола Костевски, Немања Обрадовиќ и Мартин Велковски, додека кај Нексе Давид Шпилер и Иван Сршен беа стрелци на шест голови.
Металург на овој дуел настапи ослабен без македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски и Александар Гуглета.
До крајот на регуларниот дел од СЕХА лигата треба да се одиграат уште три натпревари: Извиѓач – Вардар и Татран – Загреб (14.март) и Загреб – Мешков Брест (16.март).
Табела: Вардар 44 бодови, Веспрем 44, Загреб 34, Цеље 33, Мешков Брест 32, Горење 18, Нексе 18, Металург 17, Татран Прешов 10, Извиѓач 4.