Од канцеларијата на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц за МИА велат дека целта на неговиот пристап кон Балканот е да им се помогне на одделните земји, особено на Македонија, да се справат со мигрантската криза, но не и да се отвораат кампови за мигранти.
Според појаснувањето на изјавата на Курц, Македонија може да очекува финансиска помош, како и помош за полесно враќање на мигрантите кои доаѓаат на нашите граници назад во нивните матични држави.
– Како Европска унија, ние мораме да сториме повеќе да им помогнеме на балканските земји, а особено на Македонија, да се справат во мигрантската криза, во грижата за мигрантите и бегалците. Министерот тука најави одвојување финансиска помош и помош при реадмисијата на лицата во нивните матични држави. Со тоа, Авганистанците би можеле да се вратат во Авганистан, Пакистанците во Пакистан, тие од Бангладеш во Бангладеш, и ние можеме да ви помогнеме со овие реадмисии и со финансиска помош. Можеме да обезбедиме финансиска помош за да се надмине дискрепанцата меѓу тоа што го трошиме на земји зафатени од мигрантската криза како што е Турција, и земји како Македонија и Србија. Потребна е поголема финансиска помош, и би било нефер од ЕУ да не ви обезбеди повеќе помош, изјавија за МИА од канцеларијата на австрискиот министер Курц.
Во врска со можноста за отворање кампови за мигранти, позиција на австрискиот министер за надворешни работи е дека „идеална ситуација е бегалците мигранти да бидат запрени на самата граница и во најдобар случај, потоа да бидат вратени директно во нивните матични земји. Доколку ова не е возможно, може да бидат испратени во центри за азил, пред се во Северна Африка или во Египет, или долж некоја од другите рути на бегалци надвор од Европската унија, но тоа не значи дека некоја земја беше посочена во врска со овој предлог, или пак дека со него е поврзана некаква условеност. Целта не е да се наполнат држави со бегалци, напротив, целта е да обезбедиме финансиска помош и друг вид помош од Европската унија, за да се надмине кризата. Воедно треба да се избегнуваат ваков вид на вештачки дебати, изјавија за МИА од Канцеларијата на министерот Курц.