Кинотеката во Ханој организира ретроспектива на филмското творештво на режисерот и сценарист Милчо Манчевски. Во главниот град на Виетнам неговиот опус се прикажува од 9-ти до 11 декември, соопшти С-прес, напомнувајќи дека првпат во таа азиска земја се прикажуваат македонски филмови.
На покана од Кинотеката, Манчевски ќе има средби и разговор со виетнамските љубители на седмата уметност. Како гостин на Државната филмска академија на Виетнам, Манчевски ќе одржи предавање и проекција за студентите на Академијата.
– Филмовите на Манчевски и се познати на азиската публика, тие се прикажувале на низа фестивали (Токио, Тајпеј, Хонг Конг, Шангај, Гоа, Керала…), но и во редовна, па дури и во пиратска дистрибуција низ повеќе земји од Азија. Се користат и во наставата на повеќе азиски универзитети, а неодамна се појави рецензија на неговиот последен филм „Мајки“ во иранскиот печат, иако филмот допрва треба да биде дистрибуиран во Иран, информира С-прес.