Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, предлага создавање центри за бегалци надвор од територијата на ЕУ, што заедно ќе работат со Високиот комесаријат за бегалци на ОН, пренесе ТАСС.
Според Курц, овие центри во еден дел можат да бидат разместени во Грузија и на Балканот.
Ова мислење Курц го изрази за германскиот весник „Билд“, во заедничкото интервју со претставникот на германската партија ЦДУ Јенс Шпан.
– Потребни ни се центри за бегалци надвор од територијата на ЕУ, што заедно ќе работат со Високиот комесаријат за бегалци на ОН. Нема толку фундаментално значење каде тие конкретно ќе бидат распоредени. Важно е да ја обезбедуваат заштитата и луѓето кои нелегално се обидуваат да влезат во Европа да можат да бидат пратени таму, кажа Курц за весникот, пренесе ТАСС.
Ваквите центри може да се формираат во земји како Грузија, Египет или во западнобалканските држави, дополни тој.
Курц смета дека треба да се затвори средоземноморската маршрута за нелегалните мигранти, додека Шпан одговори дека е неопходно со земјите од северна Африка да се склучат миграциски спогодби, како таа што лани беше склучена со Турција.
Средоземноморската маршрута е патот по кој во Европа пристигнуваат најмногу мигранти, а на второ место е Балканската маршрута.