Манифестацијата „Среќна Баба Марта“ посветена на старата традиција за месец март се одржа денеска пред платото на Градскиот музеј во Крива Паланка.
Организатор е Локалната установа Градски Музеј-Крива Паланка во соработка со општина Крива Паланка и „Хаемус“, Центар за научни истражувања и промоција на културата, Скопје.
– Ова е традиционална меѓународна изложба „Среќна Баба Марта 2017“ која во соработка со музејот како локален партнер се пресели во Крива Паланка. Во градската уметничка галерија изложени се мартинки од подрачјата на Македонија, Бугарија и Романија, има предавање, работилница за деца и документарец. Се надевам дека овој, по малку подзаборавен обичај, ќе го заживееме повторно во Крива Паланка, изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.
Според директорот на кривопаланечкито музеј Драган Величковски, одѕивот и интересот на граѓаните е одличен.
– Одредивме настанот да започне на пладне, во најфреквентниот период од денот кога граѓаните се излезени во пазарен ден, а има и бројни гости и посетители до Ррепублика Бугарија, кои поради нивните национални празници се на прошетка, па нашата манифестација е исклучително посетена, што особено не радува, изјави Величковски.
Професор д-р Зоранчо Малинов од Институтот за Фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје одржа предавање за значењето на популарниот празник „Мартинци“ во Македонија.
– Говоревме за значењето и симболиката на мартикните, потеклото на мартинките како прастари амајлии изработени од волнен или друг вид текстил, најчесто во црвено-бела комбинација. Тие се поврзуваат со древно-Тракијското население кое егзистирало во централниот и источниот дел на Балканскиот Полуостров, рече Малинов.
Според него, ден-денес егзистираат како традиционални амајлии присутни најчесто во источниот дел на Балканот, најмногу во Бугарија, Македонија, Романија и Молдавија.
– Благодарение на таа жива традиција одржана до денешни времиња пред неколку години на иницијатива на Романското министерство за култура ова кутурно наследство е поставено на репрезентативна листа на УНЕСКО и очекуваме да стане четврто-нематеријално, но мултинационално културно наследство од Македонија на листа на УНЕСКО, додаде Малинов.