Снежана Бајлозова како в.д. претседател на Врхвниот суд не сака јавноста да има увид во одлуките, односно продолжува да работи зад затворени врати. Таа не дозволи медиумите да ја следат седницата на која се разгледуваат приговорите од судиите кои го кренаа гласот против нивните прераспредувања во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд.
На истата седница треба да се гласа приговор и против неа, односно против тоа дека иако е избрана на оглас за граѓански судија во Врховниот суд, таа со годишниот распоред на судии што го изработила се поставила за главна на Кривичниот оддел на Врховниот суд. Според Законот за судови, во овој оддел треба да има судии од кривичното право, или судии- кривичари.
Снежана Бајлозова смета дека Општата седница немала правно значење за да биде отворена за јавност.
Во писмениот одговор до СДК.мк Бајлозова вели:
„Одлучувањето по приговори на судии по Годишните распореди за работа за 2017 година не спаѓа во категоријата на прашања од пошироко правно значење, и соогласно деловникот не се дозволува присуство на претставници на јавните гласила. Оценувањето за тоа дали при разгледувањето на вакво правно прашање е дозволено присуство на претставници на јавните гласила е во надлежност на претседателот на Врховниот суд на РМ“.
На денешната Општа седница на која ќе присуствуваат сите врховни судии, ќе се гласа по поднесени приговори од тргнатите судии од кривичниот оддел на Основниот суд Скопје 1 и од одделот за претходна постапка. Се работи за разместени и прераспоредени 20 судии, кои не се од доверба на експретседателот Владимир Панчевски и на в.д. претседателката Татјана Михајлова, а кои би можеле да имаат каков било допир со предметите што доаѓаат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Панчевски е ставен за судија во организиран криминал, Михајлова за претседател на овој оддел, а Панчевски е и претседател на кривичниот совет кој ќе решава по жалба за мерките притвор што ги предлага СЈО. Од неподобни судии комплетно е исчистен и теренот во одделот за организиран криминал, каде во немање на специјално судско одделение, предметите што ги работи СЈО, ќе дојдат во натамошна судска постапка.
На седницата на која Бајлозова не дозволува јавност, ќе се разгледуваат и четирите поднесени приговори против нејзиниот Годишен распоред, и тоа од врховните судии: Мирјана Радевска, Марика Матевска, Лидија Неделкова и Киро Здравев. Бајлозова, во одговорот на приговорите против нејзиниот Годишен распоред кој стапи во сила на први март, предлага сите да се одбијат.
Бајлозова со новиот Годишен распоред за стручен соработник на судијата Киро Здравев го ставила неговиот син Ристо Здравев, па во највисокиот суд веќе има шеги на нивна сметка дека за предметите што ги работат „ќе си муабетат татко и син по дома“.