Најмалку 1.000 членови на левичарски групи за заштита на човековите права излегоа на улиците денес во Осло за да протестираат против доделувањето на Нобеловата награда за мир на Европската унија.
Околу 50 организации учествуваа во маршот носејќи запалени факели, сакајќи да го покажат ставот дека ЕУ е недемократска и дека се уште одржува големи воени сили, иако луѓето страдаат поради тешката економска ситуација.
– Алфред Нобел, рекол дека наградата треба да ја добијат оние кои се борат за разоружување. ЕУ не го прави тоа. Таа е еден од најголемите производители на оружје во светот – изјави една претставничка од организациите учеснички на протестот.
На протестот, учествуваше и норвешката партија на социјалистичката левица, дел од владата на премиерот Јенс Столтенберг.
Доделувањето на Нобеловата награда за мир на Европската унија предизвика многу контроверзии и критики, една од првите е на чешкиот претседател Вацлав Клаус, познат Евро-реалист, од полскиот синдикален лидер на “Солидарност” Лех Валенса, како и од поранешниот Јужноафрикански надбискуп Дезмонд Туту, од кои последните двајца се поранешни добитници на ова признание.
Дека паричниот дел од наградата оваа година не треба да се исплати, побараа и добитниците на таа награда Мејрид Мекгваер од Северна Ирска и добитникот од 1980.година Адолфо Перез Ескивел од Аргентина.
Изборот на Нобеловиот комитет предизвика “мешаница” и во Норвешка, каде што наградата се доделува и која двапати на референдуми го одби членството во Европската унија, со оглед на тоа дека три четвртини од населението се противи на тоа.
Од друга страна, претседателот на Нобеловиот комитет, Торбјорн Јагланд, проевропски настроен, го бранеше изборот со недостаток од конфликти какви што беа двете светски војни во 20 век.
– Спорови и драми никогаш нема да доведат до војна. Напротив, доведуваа до компромис – оцени Јагланд.
Нобеловиот комитет на 12-ти Октомври објави дека Нобеловата награда за мир и е доделена на ЕУ, со образложение дека организацијата, која има историја долга 55 години, помогна Европа во текот на децении по Втората светска војна да се трансформира од “Континент на војна во континент на мир.”
Наградата утре во Осло ќе и биде врачена на Европската Тројка, во која се претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпуј, претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц.
Наградата се состои од медал, диплома и 1,1 милиони евра. Парите, според ветувањето на ЕУ, ќе се поклони на децата погодени од војна и конфликти.