Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини пред своето денешно пристигнување во посета на Западен Балкан порача дека во интерес на сите е засекогаш да биде загарантиран мирот во регионот, како и напредокот за членство во Унијата.
Истовремено, таа е уверена дека ЕУ нема да биде целосна се додека земјите од Западен Балкан не бидат дел од неа.
Могерини во рамки на својата „мини балканска турнеја“ денеска престојува во Подгорица, а за утре е планирана посета на Сараево и Скопје. Во петок таа ќе замине за Белград, а нејзината посета на регионот завршува в сабота со посета на Косово.
– Балканот е дел од Европа и секогаш било така. Политичките граници не можат да ја изменат постоечката географија, историска и културолошка реалност. Граѓаните на Балканот се Европејци и заслужуваат исти можности, иста заштита и права, како и останатите граѓани на овој континент. ЕУ нема да биде целосна додека регионот кој се наоѓа во самото срце на Европа не биде обединет како дел од нашата заедница – нагласи шефицата на европската дипломатија.