Земјоделци од Свети Николе денеска со трактори го блокираа патниот правец Штип – Скопје во близина на фабриката за месни производи МИК. Блокада траеше половина час, а е резултат на последните политички случувања во земјава.
Велат дека се загрижени за својата и иднината на нивните деца. Приоритет, додаваат, им се стабилноста и економскиот проспериритет. Не сакаат никој да експериментира со македонските национални чувства, а дополнителното усложнување на и ионака сложената состојба, ја доведува во прашање нивната егзистенција.
– Ние земјоделците, Македонци, Албанци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци, сакаме да живееме во заедничка држава, Република Македонија, која нема чекор по чекор некој да ја менува, се додека не ја растури, изјави Кирил Митев, земјоделц од Свети Николе
Според Трајче Станојков, жител на Свети Николе, еднаш се направи територијална поделба. – Сега не може повеќе да се дели оваа држава зашто немаме друга, рече Станојков.
Получасовниот протест, посочија земјоделците, е само еден од начините да покажат дека се овде и дека со сите сили, како што рекоа, ќе ја бранат земјава, со сите нејзини обележја на самостојна, суверена држава и ќе се спротистават на секоја идеја за нејзино редефинирање.