Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Ханука, упати честитка до претседателот на Еврејската заедница на Република Македонија Бјанка Суботиќ и до сите членови и припадници на Еврејската заедница во Република Македонија.
– Ми претставува особено задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија како и од свое име, да Ви упатам Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Македонија срдечни честитки по повод големиот еврејски празник на светлината – Ханука.
Светлината ослободува од темнината, како што слободата ослободува од ропството. Светлината на слободата отсекогаш била водилка на бројни поединци, народи и нации низ историските премрежија, како што и денес е наша водилка низ современите предизвици. На тој наш пат, инспирација наоѓаме кај припадниците на Еврејската заедница кои низ историјата се препознаваат по својата истрајност, посветеност и непокор. Затоа, на овој светол празник, Република Македонија со благодарност си споменува за сите припадници на Еврејската заедница, кои беа дел од македонската борба за слобода и кои се вградија во македонската независност. Токму затоа, Еврејската заедница е почитувана и ценета во Република Македонија. Уверен сум дека Еврејската заедница ќе продолжи да дава значаен придонес кон нашата заедничка европска иднина.
Нека е среќна Ханука, нека е вечна победата на Светлината врз Темнината!
Хануках Самеах!, се наведува во честитката од претседателот на Република Македонија.