Општините Дебар и Центар Жупа располагаат со 350 хектари обработиливо земјоделско земјиште во државна сопственост.
Од вкупната површина под концесија или популарно наречено под закуп изминатите години се дадени 35 насто од површините.
– Преку јавните повици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до сега издадени се 124 хектари на 35 концесионери. И понатаму има заинтересирани кои сакаат да земаат обработливо земјиште под концесија,па на повикот што набрзо ќе биде објавен очекуваме голем број заинтересирани, вели Арбен Муладаути, овластен раководител на Подрачната единица на ресорното министерство, која ги покрива двете општини.
Поголемиот дел од земјиштето, додава тој, е долж македонско албанската граница, кое било користено од некогашниот Земјоделски комбинат „Прогрес“, но од кога престанал да работи, ова земјиште не се обработува.
– Со давањето под концесија на ова земјиште, целта на Mинистерството е, а тоа во нашиот регион и се постигнува, да се поттикне развојот на земјоделството а со самото тоа и поголемо производство и понуда на домашен производ, секако тука и обезбедување основни или дополнителни средства во домаќинствата, посочува Муладаути и дообјаснува дека периодот на кој земјоделците го добиваат земјиштето под концесија зависи од тоа која култура ќе ја одгледуваат.
Инаку, на повикот на Министерството може да се јават индивидуални земјоделци,други лица како и регистрирани фирми од областа на аграрот.