Вељаноски: Oпструирањето на донесувањето на буџетот ја загрозува социјалната димензија на државата

Од:

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски изјави дека не би сакал да помисли дека еден важен документ како буџет на држава би можело да биде опструиран и условен поради остварување одредени партиски цели и оти со тоа се загрозува остварувањето на една од уставните функции на државата – социјалната димензија.

– Тоа што посебно сакам да го истакнам и што најмногу ме загрижува е фактот дека со опструирањето на донесувањето на буџетот се загрозува остварувањето на една од темелните уставни функции на државата, а тоа е социјалната димензија. Не смее да се заборави дека живееме во време кога целиот свет, посебно Европа, се соочува со голема економска криза чии последици се рефлектират и најмногу ги чуствуваат граѓаните, а посебно оние најранливи категории, од пензионерите, невработените, социјално загрозените семејства и така натаму, изјави Вељаноски.

Претседателот на Собранието вели дека е приморан во понеделник да закаже седница на Комисијата за труд и социјална политика на која ќе бидат разгледани девет законик од социјалната сфера, откако и било укажано на претседателката на ова собраниско тело дека се изминати сите рокови за нивно донесување.

– Кога влечеме одредени потези и даваме одредени изјави, треба да водиме сметка дека со нашето работење или неработење, преземање или непреземање активности, овде во Парламентот сме за остварување на интересите на граѓаните. Се работи за два закони по скратена постапка кои непосредно се однесуваат на пензионерите и примателите на социјална помош. Останатите закони во прво и второ читање се од Владата, а еден закон е предложен од самата опозицијата и се однесува за невработените лица. Опозицијата вели се грижи за стечајците и да не ги ставаш на дневен ред и да ги условуваш додека не помине законот за бранителите, тоа може да го разберам само како моментална слабост. Досега немало никогаш условување од типот „додека не помине овој закон да не биде закажана друга седница“. Ова е негативен преседан, вели тој.

Не смееме, додава тој, интересите на пензионерите да ги ставиме во втор план, а одредени политички потези кои што се влечат надвор од Парламентот со пратеници да бидат на нивна штета и на штета на социјално загрозените лица како најранливи и најзначајни категории.

Претседателот на Собранието вели дека како се приближуваат локалните избори зовриваат „страстите“ кај политичките фактори дека треба да се повлечат одредени потези.

– И овие работи сега што се прават, особено со Буџетот, со законот за задолжување, со оневозможување на нормално делување на одредена институција да носи закони е дел од партиски игри, маневри на еден партиски штаб во пресрет на изборите. Жалам што едни редовни локални избори доведоа до една таква ситуација, но би рекол дека тоа се должи на одредени внатрешни работи што се случуваат во една опозициска партија, која сака локалните избори да ги крене на ранг на тоа „да се биде или да не се биде“. Тоа е лошо затоа што овие редовни локални избори треба да бидат за интересите на граѓаните на локално ниво, изјави во интервјуто за МИА, претседателот на Собранието.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Нема да успеат, Србија нема да застане

Брнабиќ: Погазувајќи го достоинството на Собранието, се радуваат оние кои не сакаат просперитетна Србија

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет