Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, членовите на Светиот архијерејски синод, како и до сите православни верници во земјата и во странство.
– Празникот посветен на свети Климент Охридски, основачот на Охридската архиепископија, основоположникот на првиот словенски универзитет, и подвижникот на словенската писменост и култура, е настан кој ги надминува националните рамки и има огромно значење за европската култура и цивилизација. Токму визијата на свети Климент Охридски и на неговите учители, светите браќа Кирил и Методиј, за зближување на сите народи и за градење на просперитетен, слободен и хуман свет е вградена во темелите врз кои денес опстојува човечката цивилизација, стои во честитката.
Почитта и чествувањето на свети Климент Охридски, се подвлекува, е наша национална гордост и траен влог во просперитетна иднина.
Делото на свети Климент, потенцира претседателот Иванов, и натаму нека ни биде водилка пред новите искушенија и предизвици, и нека ни даде духовна сила и мудрост да излеземе посилни и поблагородни.