Со реновирањето Општата болница во Велес ќе добие нов надворешен и внатрешен изглед со што ќе се овозможат и подобри услови на работа на здравствените работници и подобри услови за престој на пациентите на лекување во оваа јавна здравствена установа. За болницата ќе се набави и најсовремена апаратура вредна околу 800 илјади евра.
Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој заедно со заменик-министерот Јовица Андонов и во придружба на директорот на ЈЗУ Општа болница Велес, Атанас Василев, направија увид во финалните градежни работи во таа јавна здравствена установа, односно реновирањето на фасадата, неколку одделенија: интерно, очно, орално, гинекологија и акушерство. За таа намена од Министерството се издвоени 21 милиони денари.
Тодоров оцени дека работите се добро завршени со мали недостатоци во финалната обработка на внатрешното уредување во одделенијата, кои, како што најави, ќе бидат отстранети.
Посочи дека во болницата во Велес првпат ќе се опреми просторија за Интернистичка интензивна нега, за која, како што појасни, градежните работи се при крај, по што ќе се набави и потребната апаратура.
Тој рече дека во Велешката болница се работело и на зајакнување на кадарот, примени се на работа 33 лекари кои се испратени на специјализација, пет лекари се испратени на таканаречена кофинансирана специјализација, а дел од лекарите во болницата биле и се испратени на специјализација во странство.
Тоа, нагласи, е и нашата работа како Министерство да креираме постојано нови услови за здравствените работници и пациентите.
– Прашањето е како било претходно, а како треба да биде и тоа е она кон коешто ние постојано треба да се стремиме. Затоа не треба да се запре во инвестициите во градежната инфраструктура, во набавка на најсовремена медицинска опрема, како и во инвестиции на кадровскиот потенцијал со прием на здраствени работници, но и со нивна континуирана едукација и во земјава и во странство. Како резултат на тоа и помал број пациенти од Велес и другите градови ќе се препраќаат на лекување во болниците во Скопје и во странство, а таа е и нашата цел како Министерство за здравство да создаваме подобри услови, рече Тодоров.
Тој за Велешката општа болница најави и целосно реновирање на Инфективното одделение во вредност од околу 26 милиони денари, а за што, како што појасни, има изготвено идеен проект, се доработува основниот проект, по што ќе започнат градежните работи.
– На ниво на Македонија ова е период во кој најмногу се инвестира во здравството од било кога. Ако споредите колку се инвестирало порано, а колку сега практично спопредбата е невозможна. Во Скопје се инвестира во еден нов клинички центар и во една нова болница. Се реновираат болниците во Штип и Велес, а се работи на еден дел од болницата во Струмица, во болницата „Св Еразмо“ во Охрид, Детската болница во Козле.Станува збор за еден историски најголем потфат во македонското здравство, а којшто мора и сигурен сум дека ќе продолжи, најави Тодоров.
Информира дека наскоро ќе бидат распишани и тендерите за набавка на медицинска опрема за повеќе од 100 јавни здравствени установи во земјава, а со што многу ќе се модернизира здраствениот систем во Македонија.
Директорот на ЈЗУ Општа болница Велес, Атанас Василев истакна дека со реновирањето на болницата и набавката на најсовремена апаратура ќе се подобрат условите за работа на персоналот и за престој и лекување на пациентите, а што е и нивна цел како здравствена установа.