На Малата сцена во Македонската опера и балет денеска и утре во рамки на Детскиот викенд ќе биде изведена новата претстава за деца „Операта на шумските животни“.
Денеска ќе има една изведба со почеток во 12 часот, а утре претставата ќе биде изведена од 12 и од 13.30 часот. Сценариото и режијата се на Десанка Глигоријевиќ.
– Сценариото на оваа музичко-сценска претстава има цел примарно да ја запознае и едуцира најмладата публика со поимите во однос на оперската уметност, а воедно и со композитори, оперски пејачи, солисти, режисер, хор и сценарист. Сценариото изобилува со многу комични моменти кои се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава, соопшти МОБ.
Музичкиот дел е исполнет со популарни арии од оперите: „Кармен“, „Палјачи“, „Аида“, „Травијата“, „Рита“ и многу други арии и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото.
Настапуваат: Симона Петровски/Надежда Рубен (Лиска); Марика Поповиќ/Катерина Бошковска (Меца); Јане Дунимаглоски/Дејан Стоев/Борко Биџоски (Зајко) и Невен Силјановски (Був).
Во терминот од 20 часот во Салонот на Македонската опера и балет ќе биде изведена операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, во режија на Урсула Хорнер од Австрија, под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ.
Во изведувачката екипа се: Маријан Јованоски, Јелена Кончар од Србија, Кристијан Колиа од Италија, Делјан Славов од Бугарија, Невен Силјановски, Злата Тошевска, Кристијан Антовски и Саша Смилевски. Сценограф на претставата е Марија Ветероска, а костимограф Марија Пупучевска.