Во Македонија пристигна последниот од шесте патнички возови со што се заокружи набавката од кинески „ЦСР“ за обнова на возниот парк на Македонски железници-Транспорт во вредност од 25 милиони евра.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска изјави дека сега треба да се исполнат сите процедури и технички работи по што возовите ќе бидат ставени во функција.
– Паралелно со ова ќе започнеме и со други постапки за да го обновиме целиот возен парк во Железници. Во длабоки подготовки сме за тоа, рече Мисајловски, додавајќи дека веќе е потпишан и договорот за нови локомотиви во вредност од околу 8,7 милиони евра.
– Ќе продолжиме максимално со зголемување на инвестициите во железницата. Во Министерството за транспорт и врски оставени се и дополнителни 360 милиони денари директно за помагање на железницата во однос на платите и сите трошоци коишто ќе ги имаат, рече министерот Мисајловски.
Според директорот на Македонски железници – Транспорт, Никола Костов, со ова е обновен возниот парк за околу 60 проценти, а со владината поддршка се очекува обновување за уште 40 проценти.
– Со поддршката на Владата во текот на оваа година очекуваме обновување за уште 40 проценти така што после 40 години ќе го обновивме возниот парк за 100 проценти. Со поддршка на Владата го обновуваме и товарниот сообраќај така што со новите локомотиви коишто ќе стигнат кон крајот на оваа или почетокот на следната година, мислам дека Македонски железници ќе добие еден модерен лик, истакна Костов.
Тој најави дека двата електровоза ќе бидат ставени во функција веќе во текот на следниот месец и ќе возат на релација Скопје – Гевгелија, додека останатите четири од вкупно шесте патнички возови ќе возат долж железничката мрежа низ целата држава.
Паралелно со обновата на возниот парк на Македонски железници, во тек е и реконструкцијата на железничките станици долж Коридорот 10 која, како што рече министерот Мисајловски, е во завршна фаза и наскоро се очекува нивниот технички прием.