Во организација на Скопски саем од 12-ти до 15-ти овој месец ќе се одржи “Вински фестивал 2012“.
Посетителите четири дена ќе имаат можност да дегустираат различни видови вино од македонските визби, но и да пробаат млечни и месни производи од најдобрите во земјава.
Програмата предвидува попладневни ди-џеј забави од 17 до 21 часот секој ден кои потоа продолжуваат до 1 часот по полноќ со настапи на повеќе познати имиња од домашната сцена, Силви бенд, Сешн селекшн, Жаклина Стефковска, Стринг форсис, Аренси бенд, Нокаут, Скопски чалгии и Кумановски тамбураши со Нино Величковски.
– Задоволни учесници и задоволни посетители е мотото на годинашниот вински фестивал. Ефективниот спој на забавното со корисното посетителите ќе можат да го искусат преку дегустација на повеќе производи и истовремена споредба на квалитетот и вкусот. Ќе се претстават најпознатите сорти грозје, категориите на вино и нивниот ред во служење, правилниот начин на отворање на шишињата, протоколот во винскиот сервис и соодветното комбинирање на одреден тип вино и храната, рече проект-менаџерот Иво Ивановски денеска на прес-конференција.
На Винскиот фестивал 2012, што сите четири дена ќе се одржи во Метрополис арената, се регистрирани 30 учесници, винарски визби и производители на млечни и месни производи. Нивниот асортиман ќе биде достапен за купување на самото место. Цената на билетот за фестивалот е 100 денари, а посетителите со секоја купена влезница добиваат и гратис чаша за вино.
Винскиот фестивал е манифестација што првпат беше организирана минатата година како иновативен концепт кој на сите посетители и љубители на виното треба да им овозможи богато винско искуство со богата музичка програма.