Општина Карпош спроведува проект наречен „Кинестетичка училница“, со кој ќе се погрижат да го подобрат психо-физичкиот развој на учениците. Во прилог е интегралното соопштение од Општина Карпош:
„За прв пат во Република Македонија, на територијата на Општина Карпош, се спроведува проектот „Кинестетичка училница“. Во ООУ „Братство“, инструкторот од НР Кина, професорот Марко Секуловски, пред присутните наставници по физичко воспитание, одделенски и предметни наставници го презентираше овој проект, кој масовно се користи во НР Кина и во други земји на азискиот континент. Станува збор за физичка активност која се применува на самите часови кои ги одржуваат предметните и одделенските наставници, се со цел да се подобри психо-физичкиот развој и фокусот на самите ученици.
Бројните истражувања покажаа дека долгото време поминато во седење за време на училишниот ден и се поголемото влијание на техниката во наставно- научниот процес има негативни импликации и се манифестира со намален фокус, и намалена концентрација на учениците, што резултира со нивно бавно совладување на учебниот предвиден материјал. Токму оваа активност, која особено се применува во НР Кина, даде одлични резултати во подобрувањето на интересот и мотивацијата на учениците, и полесно совладување на наставната материја, нагласи предавачот Марко Секуловски.
Користењето на најразличните физички активности во рамките на училишниот простор ( училна) се наменети за постигнување на следниве цели: подготвување (загревање) на мозокот преку користење на одредени движења со цел подобрување на комуникајата на двете хемисфери на мозокот; имплементирање на кратки паузи (Brain Breaks), со цел да се обезбеди одмор за мозокот и консолидирање на информациите; промовирање на физичката активност и подигнување на свеста на нејзините бенефити и позитивното влијание врз психо- физичкиот статус на човекот; подобрување на единството во одделението со цел создавање на оптимални услови за учење на нови информации; повторување на одредена тема преку движење со цел поефикасно и побрзо задржување на информацијата.
Овој проект, инициран од Креативниот Центар – Карпош, и Општинскиот сојуз за училишен спорт на Општина Карпош, освен во ООУ „Братство“ ќе се спроведе, и во останатите девет основни училишта на територијата на локалната самоуправа, како прв визионерски и напреден модел за подобрување на целокупниот развој и просперитет на науката и наставата во основното образование“ стои во соопштението.