Растот на индустриското производство е показател дека Хрватска е на добар пат, изјави вчера хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, јави Хина.
Тој даде коментар на растот на индустриското производство во земјата, кој во декември минатата година се зголеми на 14,9 отсто, што е раст веќе 23-ти месец по ред, а и негов најголем скок од 2001 година.
Пленковиќ истакна дека е исклучитлено задоволен, бидејќи тоа е најдобар резултат во период од повеќе години.
– Во врска со тоа има две позитивни вести – првата е дека параметрите на нашиот кредитен рејтинг се прогласени стабилни, две од три светски рејтинг агенции ни дадоа „ветер во грбот“, втората е дека овие податоци за индустриското производство се извонредни, а тоа значи дека се замав во хрватското општество, дека претприемачите и сите придонесуваат за раст на индустриското производство, рече хрватскиот премиер.
Пленковиќ додаде дека Владата ќе продолжи да ги исполнува целите за намалување на јавниот долг и дефицитот, растот на БДП и постепеното излегување од процедурата за прекумерниот буџетски дефицит.