САД во блиска иднина ќе станат еден од главните извозници на природен гас во светот, се наведува во извештај на Информативната управа на американското Министерство за енергетика.
Според прогнозите во извештајот, во 2027 година САД ќе извезуваат 45 милијарди кубни метри гас. Тоа е двојно повеќе од прогнозираното пред една година. Растот на извозот ќе биде можен преку зголемување на резервите на гас од шкрилци на американска територија.
Експлоатацијата на гас во САД во 2027 година ќе биде 87 милијарди кубни метри, додека прогнозите од минатата година покажуваа за осум милијарди кубни метри помалку.
Во истиот извештај се посочува дека цената на нафтата кон 2040 година ќе забележи сериозен раст. Така, на пример, нафтата од марката „Брент“ во 2040 година ќе се тргува за 163 долари за барел. Причината ќе биде зголемената побарувачка.
Во документот се посочува и за пад во експлоатацијатаа на нафта во САД. Се забележува дека во текот на 2019 година експлоатацијата ќе изнесува 7,5 милиони барели дневно, по што ќе има намалување затоа што компаниите кои првично ги експлоатирале „слатките парчиња“, односно најбогатите и леснодостапни резерви, ќе бидат принудени да се префрлат кон помалку богатите и не така лесни за разработување територии.