Американскиот претседател Доналд Трамп му порача денеска на мексиканскиот колега Енрике Пења Нието дека би требало да ја откаже претстојната посета на Вашингтон, доколку Мексико одбива да ја плати изградбата на ѕидот долж границата на двете земји.
– Доколку Мексико не е подготвен да плати за потребниот ѕид, тогаш би било подобро да се откаже претстојниот состанок, наведе Трамп на неговиот Твитер налог.
Тој потсети дека трговскиот дефицит на САД со Мексико изнесува 60 милијарди долари.
Нието претходно порача дека Мексико нема да го плати пограничниот ѕид на Доналд Трамп.
Тој ја даде оваа изјава, откако американскиот претседател потпиша декрет за изградба на ѕид на границата со Мексико што ќе биде долг 3.200 километри.
Претседателот на Мексико не ги коментираше шпекулациите дека по одлуката на Трамп ја разгледува можноста да ја откаже планираната посета на Вашингтон следната недела.
Трамп вчера во Министерството за внатрешна безбедност истакна дека неговата акција во врска со миграцијата покажува дека САД ја враќаат контролата на нивните граници.
Трамп нагласи дека неговата администрација ќе работи заедно со Мексико на зголемување на безбедноста на двете земји.
– Ќе ги зачуваме животите на двете страни на границата, потенцира Трамп, по потпишувањето на декретот за изградбата на ѕидот долж границата со Мексико.