Покренување на прашањата за правата и потребите на лицата со попреченост беше целта на дводневниот настан „Заедница за сите“ во кој се одржаа проекција на документарни филмови и дебата за процесот на деинституционализација на лицата со попреченост.
Како што информираат организаторите целта била да се отвори и темата за начините на кои може да се подобрат состојбите, и да ги седне на маса експертите од различни области за преку дијалог, споделување на искуства и заедничка соработка да се направат значајни чекори напред кон процесот на деинституционализација.
На дебатата, говорниците дадоа свој придонес кон актуелизација на темите за активна асистенција преку лични асистенти, стручна обука за вклучување во работниот процес, иницирање и охрабрување за започнување на социјално претприемништво, како и креирањето на универзален архитектонски дизајн како првиот чекор кон вистинска инклузија на лицата со попреченост.
Маријана Јанковиќ, клучен експерт во проектот поддржан од ЕУ „Промоција на услуги за социјална инклузија“ и раководител на програмата за вработување и лична асистенција во Загреб, го објасни моделот на лична асистенција во процесот на вработувањето и значењето на поддршката која се фокусира на можностите на лицето со попреченост.
Наташа Димитровска, од Здружение СОЛЕМ, накратко го објасни процесот на деинституционализација и досегашниот прогрес во Македонија, истакнувајќи го повеќе самоодредувањето и самозастапувањето за лицата со интелектуална попреченост, како еден од исклучително важните аспекти за исчекор кон целосна инклузија на лицата со попреченост.
Во дебатата учествуваа и претставници од заедницата, Порака наша од Куманово и Порака од Скопје, како и претставникот од Народниот правобранител и Шведската амбасада, и претставниците од „Отворете ги прозорците“.
За значајноста на проектирањето и градењето на живеалишта и институции по моделот на универзален дизајн, свое гледиште изнесе Мартин Пановски, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Укажувајќи на функционални проекти и градби кои веќе и постојат во Македонија, дополнително ја потенцираше потребата и можноста за адаптација на веќе постоечките градби, со цел нивна целосна пристапност.
Искра Росо од Здружение СОЛЕМ низ примери се надоврза и укажа на проблемите со пристапноста кај нас, како и фактот колку едноставно пристапноста може да се подобри преку универзалниот модел. Свој придонес во дискусијата дадоа и гостите-претставници на институциите: претставниците од МАТА, Заводот за рехабилитација на деца и младинци Топаанско Поле, Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет од Скопје и претставникот на Македонија 2025.
Настанот беше заокружен со промоција на специјалното претприемништво, каде преку свои штандови се претставија организациите Арно, Лице в лице, Порака наша Куманово и Солем.