Милионите што холивудските ѕвезди ги даваат за да живеат во големи куќи, со десетици никогаш неискористени соби, никогаш влажни бањи и никогаш извалкани кујни, нема да бидат ништо во споредба со новата куќа за милијардери.
Холивудскиот градежник, Брус Маковски, вели дека досега никој не правел куќи за милијардери, туку се задоволувале само милионерите, па тој на Бел Ер изгради куќа од неверојатни 250 милиони долари.
Доколку ја добие бараната цена, што не е невозможно, во прашање ќе биде убедливо најскапата куќа што некогаш е продадена во САД и тоа за повеќе десетици милиони долари.
Маковски вели дека од вилата што се простира на 3.500 квадратни метри „се цедат квалитет и луксуз“, а за себе можат да си ја дозволат 3.000 најбогати Американци.
Како што кажа, изградбата траела четири години, а веќе лично е разговарано со половина од потенцијалните купувачи.
Маковски вели дека куќата „е… луда“, а еве што се се наоѓа на имотот и што влегува во пакетот:
– 12 спални соби,
– 21 бања,
– три кујни,
– пет барови,
– хелиодром (хеликоптерот е вклучен во цената),
– ексклузивен поглед на Лос Анџелес,
– гаража каде се наоѓаат луксузните автомобили во вредност од 30 милиони,
– седумчлен персонал платен на две години,
– кино со 40 места,
– базен со бар и мини-кино,
– 130 уметнички дела и инсталации,
– куглана со четири патеки,
-фитнес центар, спа и студио за масажа,
– „ѕид со слатки“ во вредност 200.000 долари,
– „десетина“ мотори,
– телевизор во дијагонала од девет метри.