Општина Пехчево во соработка со свештениците од црквата „Св. Петар и Павле‘‘ и ЈКП „Комуналец“ се подготвени за традиционалното празнување на големиот христијански празник Богојавление Водици.
Како што информира денеска Живко Каликов, соработник за односи со јавноста во општина Пехчево, верниците од Пехчево ќе имаат можност да присуствуваат на осветувањето на водата во реката Писа.
– По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, во црквата „Св. Петар и Павле’’ ќе се одржи света божествена литургија. Литургијата ќе започне во 8 часот, додека чинот на фрлањето на светиот крст во водата на реката Писа е најавено за 10 часот во центарот на Пехчево. Задолжително за сите учесници кои ќе скокаат во водата по светиот крст треба да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар, а за најсреќниот учесник што ќе го фати богојавленскиот крст предвидени се награди од градоначалникот на општина Пехчево и црквата „Св. Петар и Павле“, рече Каликов.
Додаде дека како што е и традицијата, оној кој ќе биде најсреќен и ќе го фати крстот во реката Писа, од локалната самоуправа ќе добие ЛЦД телевизор.
– За многубројните посетители на оваа манифестација, која од година во година станува се помасовна, локалната самоуправа традиционално обезбедува бесплатни топли пијалоци (ракија и вино) за сите присутни. Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Јован Крстител го крстел Исус Христос во реката Јордан. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата, а кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.