Имотот на најсиромашните 3,6 милијарди лица или половина од светската популација е еднаков на вкупната нето-вредност на имотот на осум лица и тоа ниво на нееднаквост би можело да ги разори општествата, предупреди британското хуманистичко здружение „Оксфам“.
Во пресрет на годинешниот собир во Давос, здружението вели дека станува збор за шест американски, еден шпански и за еден мексикански бизнисмен.
Осумте милијардери се избрани според листата на магазинот „Форбс“, а меѓу нив се основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, основачот на „Фејсбук“, Марк Зукерберг, и основачот на „Амазон“, Џеф Безос.
Од „Оксфам“, исто така, предупредуваат дека постои поврзаност меѓу длабокиот јаз што ги дели богатите од сиромашните и сè поголемото глобално незадоволство со доминантната политика.
„Брексит и успешната претседателска кампања на Доналд Трамп, како и загрижувачкото зајакнување на расизмот и раширената разочараност од владејачката политика, спаѓаат меѓу зачестените сигнали дека сè поголем број луѓе во богатите земји не се подготвени да се помират со статус кво состојбата“, констатира здружението во извештајот „Економија за 99 отсто“.
Од „Оксфам“ истакнуваат дека новите податоци за распределба на богатствата во земјите како Индија и Кина ги поттикнале да ги поправат своите пресметки од пред една година, според кои се сметаше дека половина од светскиот имот е во рацете на 62 лица.
Нееднаквоста ќе биде главна тема на дневниот ред на годинешниот собир во Давос, на кој лидерите на светската политика и бизнисмените од вторник до петок ќе разговараат за клучните светски прашања.
„Оксфам“ во извештајот повикува на подигнување на даночните стапки за богатите поединци и компании, како и на склучување глобален договор со кој ќе се стави крај на натпреварот меѓу земјите во намалување на даночните стапки.
Од здружението го осудија лобирањето на корпорациите и блиските врски меѓу политиката и бизнис-светот и побараа да се воспостават задолжителни јавни регистри на лобисти и строги прописи за сузбивање на судирот на интереси.