Новата чешка единица за борба против лажни вести се подготвува да покрене кампања за борба против дезинформации, пред изборите што ќе се одржат оваа и следната година, соопшти денеска Ева Романцовова.
Координаторката на Центарот против тероризам и хибридни закани при Министерството за внатрешни работи Ева Романцовова изјави дека Центарот во моментов се подготвува за проект со што од таквите закани ќе се заштитат претстојните избори во Чешка.
– Засега немаме информација дека изборите се загрозени, но податоците што ги добиваме од странство и соседните земји, како Германија, се алармантни, истакна Романцовова.
Таа оценува дека најголема закана доаѓа од проруските извори.
Во Центарот, посебна екипа од 15 набљудувачи ќе ги следат традиционалните медиуми и социјалните мрежи.
Во Чешка оваа година ќе се одржат парламентарни избори, а на почетокот на 2018 година ќе се одржат претседателски избори.